Мицкоски го прочитал писмото од Ахмети, вели помина времето кога политичари можea да влијаат на судии и обвинители

by Fokus

Премиерот Христијан Мицкоски денеска кажа дека го добил и го прочитал писмото на лидерот на ДУИ Али Ахмети, во врска со „неодамнешните одлуки на Уставниот суд и нивното влијание врз меѓуетничката кохезија и одржливоста на земјата“.

– Го добив писмото, го прочитав. Писмото би го поделил во два дела, првиот дел е геостратешки осврт на состојбата во регионот, вклучително Блискиот Исток и Украина, додека вториот дел е обвинување на уставните судии коишто ги избрало мнозинството на СДСМ и на ДУИ дека спроведуваат програма на ВМРО-ДПМНЕ. Не сум знаел дека овие судии избрани од мнозинството на СДСМ и ДУИ спроведува програма на ВМРО-ДПМНЕ, дека бил загрижен за предметот поврзан со законот за јазици и да сум интервенирал кај уставните судии избрани од СДСМ и ДУИ да внимаваат што прават бидејќи на тој начин можеле да ја дестабилизираат државата. Тоа е писмото, јавноста нека оцени дали тоа заслужува коментар, рече Мицкоски.

Според него, поминало времето кога политичарите можеле на тој начин да влијаат на одлуки на судии и обвинители.

– Јас разбирам дека ДУИ се уште е во тој периметар и низ таа оптика низ која тие гледаат, тие мислат дека на тој начин треба да функционираме ние како држава, јас не мислам, а посебно на памет не ми паѓа било каква комуникација со уставни судии или било какви судии и обвинители кои се избрани од мнозинството СДСМ и ДУИ. Бидејќи тие истите рејтингот на правосудниот систем го сведоа на едноцифрен број проценти, рече Мицкоски.

Поврзани новости