Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со совет до новинарите, своите перцепции да не ги темелат на изјавите на премиерот, Зоран Заев. Според него, Заев се „коцка со вистината“.
-Јас би ви дал еден совет – овој тип политичари, кои често знаат да се коцкаат со вистината и најчесто не ја говорат, да не ви бидат поткрепа во градењето на ставовите и во перцепцијата на реалноста – вели Мицкоски во интервју за „Независен“.
Тој е убеден дека ќе биде постигнат цензусот на вториот круг од претседателските избори.
-Што доколку нема доволен број излезени гласачи, ќе треба да седнеме и да видиме како понатаму. Јас сум убеден дека ќе има доволно гласачи, дека ќе има цензус и дека професорката Силјановска-Давкова е идниот претседател – вели тој.
Мицкоски порачува дека Заев требало да прифати предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. Резултатите од првиот круг, според него, би му донеле на ВМРО-ДПМНЕ 47 градоначалници да беа локални избори, наместо петте што ги имаат сега.
Мицкоски додава дека најавите за чистка на Заев по изборите, се само евтин меркетиншки трик.
-Еве сега ќе зборуваме и за метлата, затоа што тоа не е некој оригинален трик, туку бледа копија. Сега се создава една друга теза дека после метлата на Заев ќе му се придружат луѓе што имаат капацитет. Тоа е комплетна лага, проверен рецепт, кога не ти оди, да си го поткренеш рејтингот кај луѓето. Но, граѓаните знаат колку му тежи зборот на Заев. Овој истиот човек пред неколку месеци нè убедуваше дека ако ги смени тие луѓе ќе нема со кого да работи, а сега вели дека ќе игра метлата – вели лидерот на вмровците.