Премиерот Христијан Мицкоски во соработка со Меѓународниот републикански институт – ИРИ, како дел од проектот за дијалог помеѓу Владата и граѓанскиот сектор одржал средба со повеќе невладини организации посветена на образованието и младинското учество.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, Мицкоски посочил дека образованието е столб на општеството и затоа е поставено високо меѓу владините приоритети.
-Без квалитетно образование, нема ниту квалитетни доктори, наставници, економисти и така натаму. Одлучни сме да направиме крупни промени и го повикувам граѓанскиот сектор активно да учествува во креирањето и спроведувањето. Заедничка обврска е да создадеме подобри услови за едукација на младите, а со тоа и подобра иднина во сопствената земја – порачал Мицкоски до младинските организации.
Мицкоски, се наведува во соопштението, со жалење констатирал дека образованието во минатото ни е значително опаднато.
-Секоја идеја е добредојдена и затоа ги организираме овие тематски дискусии со граѓанскиот сектор – рекол Мицкоски.
Тој додал дека Владата работи транспарентно и создава услови за граѓанските организации уште поактивно да учествуваат во развојот на државата.
Притоа, повикал да поддржат процес и заеднички да биде креирана стратегија за развој на државата, со временска рамка која ќе биде доволно голема, за како што рекол, да можеме да трасираме пат и да оствариме резултати на тој пат по кој ќе одлучиме да се движиме.