Премиерот Христијан Мицкоски имаше кратка средба со германскиот канцелар Олаф Шолц за време на самитот во рамките на Берлинскиот процес што се одржа денеска. Според него, пораката од Берлин е дека Германија останува наш силен поддржувач, наш сојузник и партнер во евроинтеграциите.
„Многу јасно ги презентирав приоритетите на Владата, во делот на економијата, но и на енергетскита, патната и железничката инфраструктура. Во делот на евроинтегративните процеси го презентирав ставот на Владата, заслужуваме да ги почнеме процесите безусловно и да ги покажеме нашите капацитети. Нашата политика е дипломатија во којашто ќе ги браниме интересите на нашите граѓани и држава, а истовремено ќе работиме со нашите партнери, изјави Мицкоски по средбата.
Попладнето Мицкоски имаше обраќање во германскиот Совет за надворешни работи (ДГАП).
„Говорев за нашите цели и нашата борба да ја стабилизираме државата. Наследивме власт која ја одзема државата од рацете на народот. Овие 100 дена откако е новата Влада, работевме 100% посветено за да обезбедиме пристојност и нови можности. Меѓудругото се обидуваме и да го откочиме закочениот европски процес за интеграции преку полагање на нашите надежи во решение кое ќе биде фер основа за градење на доверба.ЕУ не смее да остане затворен клуб, туку интеграциска заедница на просперитет и можности“, порача Мицкоски во обраќањето.
Мицкоски имаше средба и со пратениците во Бундестагот од сестринската ЦДУ, но деталји за разговорите не се објавени.
Во изјава за МТВ вечерва од Берлин тој порача дека побарал решение за откочување на евроинтеграциите со, како што рече, јасен крај, а тоа да биде членство на Македонија во ЕУ.Мицкоски рече дека Македонија како народ и држава има дадено премногу отстапки изминатите децении и дека заслужува шанса да ги започне преговорите и да ги отвора поглавјата.
„ Останувам подготвен да разговарам со било кого за да изнајдеме решение кое што ќе значи на долг рок вистинско решение со јасен крај – а крајот треба да биде членство на Македонија во Европската унија“, истакна премиерот.