Мицкоски: Фактурата за 60 авионски билети за посетата на Унгарија е 2,6 а не 12 милиони денари

by Fokus

Фактурата за авионскиот превоз за делегацијата која беше во посета на Унгарија изнесува 2.600.000 денари, а не 12 милиони денари, потенцираше денеска премиерот Христијан Мицкоски кој одговараше на прашање за јавните набавки на Владата и дали многу се троши од парите на граѓаните.

Премиерот Мицкоски истакна дека фактурата е 60 авионски билети и како што рече „кога сакате ќе биде изложена на јавноста“.

– Околу 700 евра по билет со сите вклуечни такси на сите луѓе коишто беа дел од делегацијата, која што броеше 60 луѓе, и која што е за 30 проценти помалку, отколку кога би иделе со комерцијална линија Скопје-Виена-Будимпешта, Будимпешта-Виена-Скопје или Скопје-Истанбул-Будимпешта, Будимпешта-Истанбул-Скопје. Тоа се линиите коишто беа во тој момент на располагање. Но, и од двете дестинации бевме одбиени за групна карта, којашто инаку во принцип беше за 30 проценти поскапа. Ова е вистината за да нема дополнителни шпекулации, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека посетата на Унгарија вреди, бидејќи веќе се пристигнати една милијарда евра од оваа држава за бизнисот и општините.

– Дали ќе стигнат уште многу стотици милиони евра? Да, наскоро и тоа ќе го објавиме. Целосна реконструкција на сите регионални магистрални и експреснни патишта, по поволни услови неколку стотици милиони евра. Дали вредело, мене ако ме прашате, да вредело. Дали е тоа добро за граѓаните? Тие ќе го кажат многу скоро за шест месеци од денеска на локалните избори, додаде Мицкоски.

Што се однесува за јавните набавки за храна за Владата, Мицкоски вели дека ќе провери дали многу се трошело од парите на граѓаните и ќе даде одговор.

– Но, прочитав и јас во некои медиуми дека се набавени 600 килограми банани. Јас банани не јадам конкретно. Но, ќе го проверам сето тоа дали е така. Но, ако е целта да најдеме нов начин, и нова формула во Владата, ако може на воздух да се живее, еве јас ќе ви кажам дека сега сме во месец на рамазански и велигденски пости, внимаваме каква храна консумираме. Конкретно јас постам, знам дека голем дел од колегите и од христијанска православна вероисповест, и од исламска вероисповест, постат и ги почитуваат овие пости. Така што во периодот ќе внимаваме овие трошења да ги сведеме ако е можно на нула, изјави Мицкоски.

 

Поврзани новости