Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски очекува голема победа на ВМРО-ДПМНЕ во најголем дел од општините на локалните избори на 17 октомври. Мицкоски, ова свое тврдење, како што кажа, го заснова на бројките од последните истражувања.
Тој денеска присуствуваше на отворањето на Политичката академија 2021: „Поттикнување на демократија на локално ниво – Градење на добри политики и стратегии за одржлив локален развој“ во организација на ВМРО-ДПМНЕ и Фондација Конрад Аденауер – Македонија.
-Соработката со Конрад Аденауер продолжува и на овие локални избори. Овие неколку денови за нас се исклучително значајни. Убеден сум дека се исклучително значајни и за идните членови или претседавачите на советот онаму каде што коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на овие избори. Јас очекувам согласно бројките и последните истражувања, таа победа да биде голема и во најголемиот дел од општините во Македонија, рече Мицкоски.