Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека неговата партија ќе победи на претстојните парламентарни избори на 12 април, со оглед на, како што рече, големото незадоволство на граѓаните од владата и вкупните состојби.
-На Заев му кажале скапите советници од север да не вели дека ќе си даде оставка ако загуби, за да не се зголемува дефетизмот. Но, после дебаклот што ќе го доживее на 12 април поставете му го истото прашање, а мене да ме прашате за составот на владата што ќе го предложам. Стојам на ставот дека после изборите Заев треба да размисли за политичката иднина како претседател на СДСМ, но тоа е нивна работа – рече Мицкоски.
Во однос на разговорите на пратеникот Антонијо Милошоски со двајца уставни судии во врска со пресуда за неговиот татко, Мицкоски рече дека принципиелно е против интервенции на политичарите во судството, притоа посочувајќи дека материјалите што ги објави Милошоски покажуваат дека тоа го правел Заев.
-СДСМ не може да ги објави овие материјали директно, па ги пушта на јутјуб за да не испадне дека не ги предале сите материјали во СЈО. Претпоставувам дека во иднина пак ќе објават вакви материјали кои потоа ќе ги коментираат. Претпоставувам дека Заев и Милошоски ќе имаат што да си кажат, па еве ако мене ме одбегнува Заев нека прифати дуел со Миилошоски – истакна Мицкоски.
Тој на денешната прес-конференција вети воспоставување на национална мрежа на 4 клинички центри, воспоставување на модерен ургентен траума центар, реконструкција на болниците во Велес, Кичево, Струмица, Струга и во Битола и модернизација на Градската болница во Скопје, зголемување на платите во здравството за 20 отсто итн.