Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски чиј кандидат за претседател, Гордана Силјановска – Давкова води во првиот круг на претседателските избори, вечерва на прес – конференција порача дека е подготвен да разговара со албанската опозиција за формирање на нова влада.
Тој кажа дека телефонски се слушнал со претседателскиот кандидат на „Вреди“, Арбен Таравари и му честитал за резулатот.
-Му честитав на резултатот и му посакав успешни парламентарни избори и идна влада, рече Мицкоски и кажа дека денеска не разгговарале за формирање на нова идна евентуална заедничка влада.
– Сакав да му изразам поддршка на Таравари и на оние кои се обединија против лошите политики на СДСМ и ДУИ. Со сите оние кои се спротивни на овие политики, сме тука да разговараме за иднината, рече Мицкоски.
Кандидатот на ДУИ, Бујар Османи во првиот круг води со околу 30 илјади гласови повеќе од Таравари, но од коалицијата „Вреди“ изјавија дека тие се легитимни претставници на Албанците и разликата во мандати со ДУИ нема да биде многу голема.