Мицкоски: ДУИ барем еднаш да застане зад интересот на Македонците

by fokus

Очекувам ДУИ да застане зад интересот на своите сограѓани и да ја поддржи резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за црвените линии во преговорите со Бугарија, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-Очекувам ДУИ да ги надмине своите милитантни однесувања и барем еднаш да застане зад интересот на нивните сограѓани Македонците како мнозинска заедница. Вистински да застане зад новата агенда што ја најави, а тоа е зелената агенда, и наместо химната, знамето и грубото кршење на Уставот од страна на Талат Џафери, да имаме навистина еден вистински државнички и братски однос во државава. И наместо да ги гледаме нашите лични интереси и интересите на соседите од другите држави, да ги гледаме интересите на соседите тука внатре, во нашата Македонија, тоа се интересите на мнозинскиот, македонскиот народ, рече Мицкоски во интервју за „Вечер прес“ на прашањето дали очекува да најде заеднички јазик и обединување и со албанските партии.

Мицкоски повтори дека црвените линии на ВМРО-ДПМНЕ се содржани во Резолуцијата што ја доставија до Собранието, и оти веќе направиле консултации со парламентарните партии и од власта и од опозицијата.

-Го поздравувам тоа што и СДСМ одлучи да ја поддржи Резолуцијата, бидејќи и во минатото, сега и во иднина, ВМРО-ДПМНЕ е столб околу кој се обединуваат македонските национални интереси и добро е што СДСМ по неколкудневни обвинувања кон мене лично, успеаја да се надраснат и да сфатат дека идентитетот нема алтернатива и да се обединат околу македонските национални интереси и носечкиот столб кога се работи за тоа прашање – а тоа е ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски.

Поврзани новости