Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача дека 8 Септември-Денот на независноста, е круна на борбата за независна, самостојна и суверена македонска држава.
-Токму на 8-ми Септември 1991 година, на референдумот, народот во Македонија го оствари тој сон и започна сам да ја гради својата иднина и иднината на својата татковина, како рамноправна земја со сите останати во Европа и светот. Патот беше и се уште е трнлив и со многу премрежија. Идејата за просперитетна Република Македонија никогаш нема да престане, особено сега, во време на економско тонење, анационални политики на власта и негирања од надвор – вели Мицкоски.
Новите предизвици, потенцира лидерот на опозициската партија, бараат сплотеност.
-Државата не се само границите и институциите, туку и народот и неговите потреби. Среќата на овој народ е заменета со бесперспективност која е резултат на криминалот и корупцијата, беззаконието и неправдата, но и поделеноста и социјалната нерамноправност кои ги создаде владејачката елита. Но борбата за подобро утре никогаш не смее да престане – истакна Мицкоски.