Мицкоски: Добро е што паднавме само два поени на индексот за корупцијата, со сите скандали од претходната влада

by Fokus

За премиерот Христијан Мицкоски очекуван е падот од два индексни поени на Македонија во извештајот на Транспаренси интернешнл за перцепција на корупцијата за 2024 година. Тој вели дека извештајот е добра основа за понатаму да следиме дали ќе напредуваме, ќе бидеме подобри или полоши и основа за подобрување на позицијата.

Мицкоски рече дека извештајот е логичен и оти сите критериуми во Извештајот биле во период на претходната влада.

„Логичен е тој извештај и добро е што е само два индексни поени. Мислев дека е повеќе после сите злоупотреби на европско знаме, коруптивни скандали кои беа во периодот на минатата влада. Ако ги забележите сите седум критериуми, ќе видите дека сите се однесуваат за периодот кога е претходната влада. Детално го изанализирав и тоа е добра основа од каде што сега ќе можеме да почнеме да ја подобруваме нашата позиција, истакна Мицкоски.

Најави дека на денешната Владина седница ќе го задолжи ресорниот министер, јасно да ги детектира слабостите и во иднина да не се повторуваат.

„Нема да ни се повтори повеќе „Соравија“ во центар на Скопје, измени на Кривичен законик со злоупотреба на европско знаме, ниту бентли, „астон-мартин“ и „ролс – ројс“ автомобили на блиски роднини на нашите семејства. Нема да ни се повторат наместени тендери, парцели за фотонапонски централи на високи владини функционери. . ., Тоа е нотирано во овој извештај и за нас претставува добра основа за понатаму да следиме дали ќе напредуваме или ќе бидеме полоши, нагласи Мицкоски.

Индексот на перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл за 2024 година покажува пад од два индексни поени на земјава во однос на минатата, рангирајќи ја на 88 позиција од вкупно 180 држави и ја дели со Казахстан, Суринам и Виетнам.

Поврзани новости