Kомесарот за соседство и проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји, денеска се сретна и со претставници на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ.
На средбата со Вархеји, на која се разговарало за актуелната политичка, економска и здравствена состојба во земјава, биле претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, потпретседателот Александар Николоски и секретарот за меѓународна соработка Тимчо Муцунски.
Во партиското соопштение се наведува дека Мицкоски искажал загриженост во однос слабостите и злоупотребите на механизмите и институциите од страна на власта, недоволното справување со корупцијата која е распространета во сите области, за злоупотребата на носење на закони по скратена постапка со европско знаменце и слабиот напредок во подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на загаденоста, области кои се анализирани во Извештајот на ЕК за нашата земја.
-Мицкоски укажа и на политичката состојба во која се наоѓа државата каде што потенцираше дека криминалот, корупцијата се многу застапени и дека има селективно владеење на правото. Исто така, тој кажа дека власта дели тендери на лица кои се блиски до власта и за тоа никој не одговара, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски, исто така, пред Вархеји ја критикувал власта дека не знае да се справи со ковид-19.