Да докажеме пред народот дека ВМРО-ДПМНЕ е вистинскиот избор, дека не сме исти со оние што владееја во минатото. Да не заборавиме дека нашата фотелја не е крајна цел, туку должност, должност кон народот, кон Македонија. Сите функционери во нашата партија мора да бидат свесни дека ова што го работиме не е лична игра, туку служба, рече премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вчерашното обраќање по повод јубилејот – 35 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ.
На одбележувањето што се одржува во Хераклеа, Мицкоски им порача на своите функционери – „не заборавајте кои сте, од каде дојдовте и кому му служите“. Воедно повика на искрена самокритика и совест кај секој член и функционер на ВМРО-ДПМНЕ. Секој што мисли дека фотелјата е само лична придобивка, потенцира, нека размисли повторно.
ВМРО-ДПМНЕ, напомена партискиот лидер, е вистински чувар на промените кои се неопходни.
-Во овие мигови на промени, апелирам до сите наши функционери и членови: не заборавајте кои сте, од каде дојдовте и кому му служите. Никој не смее да дозволи бахатост или агонија од моќ и корист да го заматат погледот. За да демонстрираме одговорност како гарнитура и да покажеме разлика и тоа кои сме и за што се залагаме, јас нема да престанам да барам отчетност од секој еден од вас. Секое отстпапување од вредностите кои ги застапуваме нема да остане неказнето или неприметено. И ниту еден од вас не е незаменлив, колку и да е близок до мене. Мора да знаете дека ниту една ваша функција, ниту една позиција не ви е сигурна и таму ќе бидете се додека служите и заедно работиме за народот, подвлече Мицкоски.