Мицкоски до студентите: Нашата визија е да создадеме систем кој ќе ви даде можност да се развивате, без ограничувања и без бариери

by Fokus

„Образованието не е само патека кон индивидуален успех- тоа е катализатор за општествени промени, рамноправност и прогрес. Денес, на Меѓународниот ден на студентите, ја славиме токму вашата енергија, креативност и амбиција. Вие сте оние што ќе го водат нашето општество кон подобра иднина. Не само преку учење и стекнување знаења, туку и преку активна улога во создавањето на иновативни решенија и праведно општество“, порача премиерот Христијан Мицкоски вчера по повод Меѓународниот ден на студентите.

Премиерот Мицкоски изјави дека визијата на Владата е да се создаде систем во кој ќе им се даде реална можност на студентите за развивање, без ограничувања и бариери.

„Вашите проблеми се наши важни приоритети. И ова не го говорам само затоа што тоа се очекува од мене. Ова го говорам затоа што целиот мој професионален развој е поврзан со факултетите, со универзитетите, со науката, со студентите. Владата е решена да ви даде силна поддршка и да создаде услови во кои вашиот труд, талент и амбиција ќе можат да блеснат. Нашата визија за образованието и младите е едноставна, да создадеме систем кој ќе ви даде можност да се развивате – без ограничувања и без бариери. Со гордост можам да кажам дека веќе работиме на големи промени“, нагласи тој.

„Вашиот успех е успех на целото општество и затоа ќе продолжиме да инвестираме во вас, во вашите соништа и во вашата иднина. Заедно, можеме да ја направиме Македонија место каде младите не само што ќе сакаат да останат, туку и ќе бидат горди што ја градат. Да се потрудиме да го покажеме тоа. Образованието можеби е најважната алатка преку која што ќе се водат процесите во иднината. Колку тоа образование е посилно и помоќно толку во посилна и помоќна држава ќе живееме.“, дециден е премиерот Мицкоски.

Мицкоски додаде дека секој од нас некогаш бил револтиран и сакал да замине од државата, но рече дека реалноста е дека треба да се бориме секој ден во сопствената татковина и овде да создаваме за да ја видиме Македонија каква што сакаме да биде.

Поврзани новости