Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на денешната прослава на роденденот на партијата, упати повик и до СДСМ за национално единство за најважните државни прашања, им посака побрзо да се консолидираат во успешна опозиција и покрај длабоката поделеност во партијата кажа дека во него имаат партнер за иднината на државата.
-Им подавам рака за македонско национално единство за сите важни прашања за државата. Посакувам да ги надминат огромните проблеми и да седнеме на маса да разговараме за иднината на нашата татковина. Секако ова никако не треба да го сфатат како амнестирање од одговорноста за криминалите, но значи дека во нив ќе гледам партнер со кого имаме одговорност поради сегашните и идните генерации да работиме на создавање на единствени државни позиции кога станува збор за суштинските прашања од важност за Македонија, изјави Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ според Мицкоски во изминатите 34 години имала многу светли моменти кои ги направиле горди, но имало и моменти кога се грешело и кои нанесувале штета. Но, како актуелен претседател кажа дека ќе се однесува со еднаква почит кон секој претходен претседател на ВМРО-ДПМНЕ – и кон Љубчо Георгиевски и кон Никола Груевски, како што рече без оглед на тоа колку се далечни или блиски нивните ставови со она што е ВМРО-ДПМНЕ денес.