Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на собраниската седница за пратенички прашања одговарајќи на прашање од пратеникот Димитар Апасиев му порача дека од истата држава со новото уставно име тој зема плата, ја финансира партијата, но и истата Апасиев и неговите сопартијци ја потпишуваат кога поднесуваат амандмани во Собранието.
„Сериозно е дека фактот дека водиме држава, од истата таа држава од која ти земаш плата и добиваш финансирање на твојата партија и од која бараш документи за да ја интабулираш за да земеш кредит и да купиш нов деловен простор во центарот на главниот град за партијата Левица. Во меѓувреме ќе се подновиш со ново возило, ќе уживаш во комфорот“, изјави премиерот Мицкоски.
Тој му посочи на Апасиев дека песничката за Северна Македонија е од 2019 година и да не се расфрла со лаги и измислици, бидејќи со нив нема да стигне далеку, затоа што тие малкумина кои му веруваат при секои избори по една голема група си заминува од Левица и преминува во ВМРО-ДПМНЕ и другите политички партии и така е во неколку општини низ Македонија.
Апасиев наведе неколку институции на кои им биле сменети имињата по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Мицкоски изјави дека тоа е лага и обид за манипулација.
„Мирно да спиеш и да уживаш во парите кои ги добиваш од овој буџет, оваа влада, да уживаш во плажите на Егејското море, и можам да ти кажам дека никаде во Преспанскиот договор не е забрането на придавката македонски, ниту на Македонија, тоа е регулирано во членот 7, став 2 и 3 и може конечно да се сложиме дека и ние имаме право на употреба на придавката „македонски“ и тие имаат право. И ние ја користиме Македонија и тие имаат право. Но, има една разлика, овие со кои си во коалиција прифатиле сите државни институции кои имаат државно финансирање да не може да бидат повеќе македонски“, изјави Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека при секоја негова изјава, интервју, па сега додека се обраќа користи Македонија и македонски за кои се бори.
„И никогаш нема да зборувам работи кои се невистинити или работи со кои ќе манипулирам за да добијам евро повеќе за да ги потрошам на плажите во Егејско море како што ти правиш. Халкидики патриоти знам многу, но тука има луѓе кои се борат и ќе се борат за еден заеднички интерес тоа е интересот нас нашата заедничка татковина и сите граѓани од различни етнички припадности кои си ја сакаат својата татковина Македонија“, потенцираше премиерот Мицкоски.