Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе се состане со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Будимпешта како дел од унгарско-македонскиот владин самит.
На агендата се предвидени тет-а-тет разговори меѓу премиерите, билатерални средби на ресорните министри и заедничка седница на двете влади.
Самитот започна со средба на министрите за надворешни работи на двете земји, Тимчо Муцунски и Петер Сијарто.
Сијарто ја потврди поддршката на Унгарија за членството на Македонија во ЕУ и ја критикуваше лицемерноста на некои земји-членки на Унијата.
Муцунски нагласи дека земјата е на клучен крстопат во евроинтеграциите, истакнувајќи дека целта е да стане полноправен член на ЕУ до 2030 година.
Двајцата министри разговараа и за конфликтот во Украина, при што изразија поддршка за мировните напори на САД.