Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска го повтори барањето за брзи предвремени парламентарни избори нагласувајќи дека доколку остане оваа Влада, состојбата во земјата ќе станува полоша.
-Секое друго решение значи продолжување на агонијата. Затоа што секое друго решение значи дека немаме план, значи повеќе криминал, повеќе корупција, послабо здравство, поголема катастрофа во образованието, послаба економија, повисока инфлација, и затоа ние велиме дека се потребни избори за да може Македонија и граѓаните да престанат да губат, за да може граѓаните да почнат да добиваат и затоа велиме ајде на брзи предвремени парламентарни избори да ја спасиме од агонија нашата Македонија. Тоа е суштината затоа бараме предвремени парламентарни избори. Не постои ниту една друга причина оваа Влада да остане бидејќи гледаме дека сме најлоши во Европа, рече Мицкоски додавајќи дека колку подолго останат на власт толку полошо ќе биде.
Според него, власта нема мнозинство за уставите измени. Поминаа, додава Мицкоски, пет месеци откако власта го прифати последниот предлог и до сега ништо не смени.
-Ниту се смени расположението кај граѓаните ниту се смени поддршката за предлогот напротив се влоши. Поголем е процентот на граѓаните кои се противат на уставни измени под тие услови кои власта ги прифати. Ние како политичка партија имаме јасен и прецизен став. Ние како коалиција исто така имаме јасен и прецизен став. И јас од името на ВМРО-ДПМНЕ, и Љупчо Димовски од СП, и Иван Стоиљковиќ од името на ДПС. Јасно и прецизно кажуваме дека нема да има промена на Уставот односно нема да има промена на Преамбулата, рече Мицкоски.
Потсети дека претседателот на Собранието кажал дека за промена на Уставот се потребни 4,5 до 5 месеци, што според Мицкоски значи дополнително губење време наместо да се посветиме на реформи. Лидерот на опозициската партија смета дека со оваа тема треба да се дефокусира јавноста.
-Јасно е дека нема мнозинство од 80 пратеника. Тоа е уште една причина повеќе да одиме на предвремени избори затоа што единствената политика на СДСМ и ДУИ во овој момент пропаѓа. Дали тие ќе го промена методот на Преспа па за уши ќе носат пратеници, па ќе се обидат со неконвенционални методи, со поткупи, со закани, со уцени, не знам и не сакам да верувам, смета Мицкоски.