Секогаш кога имаме влада од СДСМ има директен удар врз македонскиот идентитет, затоа мора да се потсетуваме да не се заборави, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Гостивар. Мицкоски рече дека треба да загрижува принципот во трите збора „како до сега“.
-И тука има голема вистина, сите потценуваат, јас само сакам да предупредам што се случува изминативе дваесет години. Овој принцип значи наместени тендери во 4 очи, повеќе имот на семејството на Груби низ Македонија, уште некоја утакмица во раскошните кабинети кои вие ги плаќате, уште некоја нова Соравија, уште некоја нова хациенда – кажа Мицкоски.
Мицкоски апелираше дека граѓаните ќе имаат можност на 24 април да заокружат број два и оти ништо нема да има од ова до сега. Тој се осврна и на Стево Пендаровски и неговата реторика на средбите со граѓаните и митинзите.
-Пред три дена, Пендаровски ја кажа целата вистина содржана во неговото битие, излезе пред граѓаните и рече – се сеќавате 2019 дека ви реков ќе победиме, и им вели ако не водиме во првиот круг очи не сакам да ви видам. Е тоа е Стево кој немаше да знае каде е Македонија, тоа е тој кој повеќе од 30 години функционира на македонската политичка сцена и е измеќар и слеп послушник – вели Мицкоски.
Тој му порача на Пендаровски дека народот со заокружување на број 2 на 24 април ќе му помогне да почне со пакување, а на 8 мај веќе да ја напушти Македонија.