Мицкоски: Да избереме претседателски кандидат кој ќе го брани Уставот и да му дадеме жолт картон на Заев

by Фокус

ВМРО-ДПМНЕ треба да избере кандидат со животно и професионално искуство, кој ќе биде претседател на сите граѓани и ќе се обврзе да го почитува Уставот во време кога е нападнат, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на конвенцијата за избор на претседателски кандидат, која се оддржува во Струга под слоганот „За честита Македонија“.

-Ни треба личност која ќе ја почитува волјата на народот во време кога гласот на народот е игнориран и запоставуван како што беше на референдумот. Да избереме личност која никогаш порано не ја разочарала својата земја. Секој од делегатите од вас овде во салата денес, одлучува и одредува за она што ќе го понудиме на граѓаните. А јас знам дека ќе ја донесете најдобрата одлука и најголемата причина за вашата одлука нека не биде само иднината на партијата туку иднината на државата – порача Мицкоски.

Патем, тој ги искритикува потенцијалните претседателски кандидати на СДСМ, Никола Димитров, Оливер Спасовски и Стево Пендаровски, оспорувајќи го нивниот кредибилитет.

– Најсериозен кандидат им е човекот кој е пишувач на колективната неправда, пишувач на тој договор. Човекот кој доживеа дипломатски дебакл, не го сочува достоинството и идентитетот, а сега ќе ја бранел државата, човекот кој се срамеше од сопствената нација. Другиот е џелатот на неправдата кој полицијата ја користи како своја приватна подружница кој нема расчистено големи криминали. Третиот е оној кој еднаш загуби на претседателски избори, кој знаеме какви ставови имал и какви навреди имал кон народот – рече Мицкоски.

Мицкоски повика на обединување на десното крило и на членството, со цел да извојуваат победа на претстојните претседателски избори, што, според него, ќе биде жолт картон за владата на Зоран Заев.

– Ова не е финалната битка, но исходот од нив ќе значи многу за крајниот резултат. СДСМ и Зоран Заев избегаа од предвремени парламентарни избори, тие ги имаат истите анкети кои ги имаме и ние. Знаат дека губат и не е тоа само поради само поради промената на името и идентитетот. Власта знае дека на фер и демократски избори нема да победат ниту сега ниту било кога потоа. Имаме само претседателски избори и ние настапуваме одлучно и самоуверено, но со голема претпазливост за нивната регуларност и амбиентот во кој се одржуваат – рече тој.

Воедно, тој се осврна и на неговите сопартијци Сашо Мијалков и пратениците што ги поддржаа уставните измени кои, како што рече, станале слуги на СДСМ и Заев.

-Спонзорирани се да изработат за свои интереси, по план смислен од Бихаќска, со цел да го разединат десничарското јадро на ВМРО-ДПМНЕ. Но, нема да успеете да го излажете народот. Вие ќе останете само слуги и хушкачи и ќе доживеете пораз на 21 април, а потоа и на 5 мај – порача Мицкоски.

Поврзани новости