Oткако не успеа да го заташка, МВР го потврди скандалот со пиштолџијата кој СДСМ и медиумите го обелоденија. Откако цел ден молчеа на денот на настанот, МВР вечерта мораше да информира за него што укажува на јасна интенција истиот да се сокрие, изјави денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
Како што истакна, ВМРО-ДПМНЕ побарало одговорност од извршителот, но не и од нарачателот.
-Тошковски удира по самарот и го штити својот коалициски партнер Африм Гаши, на сметка на неказнивост, самоволие и непочитување на македонските закони. За целосно расчистување на скандалот мора да има одговорност за коалицискиот партнер на Мицкоски, Африм Гаши. Според извештајот на МВР стои дека „Пријавениот С.С. бил испратен на Меѓународен Аеродром Скопје од страна на претседателот на Собрание“ и дека „Санкциите кон обезбедувачот и другите вработени во МВР, дел од обезбедувањето на Гаши се поради извршување незаконска наредба – вели Кузеска.
Со ова, според неа, се потврдува одговорноста кај Гаши дури и од страна на МВР.
Прашуваме, зошто ништо не е преземено досега? Дали Мицкоски ќе излезе јавно да побара од него одговорност? Дали МВР ќе покрене постапка? Или решија да го пуштат низ вода обезбедувачот, на сметка да го заштитат нарачателот – изјави Кузеска.
Побара премиерот Мицкоски итно да го смени Гаши од претседател на Собранието, за што СДСМ ќе му даде поддршка.
-Го повикуваме обвинителството да покрене постапка, а Мицкоски да излезе во јавноста и да побара од Гаши политичка одговорност. Овој случај не може да се смета за затворен додека сите инволвирани во него не понесат одговорност. Институциите се должни итно да започна постапки. На Мицкоски му порачуваме наместо да се нуди да биде ексорт на ВИП личности на скопскиот аеродром, да обезбеди почитување на правото кое не го вади од уста. Нека го доведе Гаши до одговорност за случајот – истакна Кузеска на прес-конференција.