„Да не влегуваме во замката, да бидеме вовлечени во предизборната кампања и реторика кај нашиот источен сосед“, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во изјава за МИА од Загреб.
Тој ова го кажа оценувајќи дека во периодот што следи, политичарите во соседна Бугарија ќе се обидат земјава да ја внесат во својата предизборна реторика за изборите во октомври и на тој начин, како што додаде, пред пријателите од меѓународната заедница „да нè портретираат како палави и лоши и оти создаваме кавга и немир“.
„Апелирам до македонските граѓани, до политичарите, до оние коишто ѝ мислат добро на татковината и на граѓаните, да не наседнуваме на овие провокации, тоа ќе се случува, ние си имаме наша стратегиска цел, знаме по кој пат треба да чекориме, знаеме што треба да направиме, знаеме што очекуваат граѓаните од нас и треба да испорачаме тоа што тие го очекуваат“, изјави Мицкоски од Загреб.
Ова, како што оцени премиерот, е еден од двата крупни предизвици со кои ќе се соочиме како држава во периодот што следи.
Вториот предизвик, повтори Мицкоски, е обидот на внатрешни структури за создавање нестабилност и немир во државата.
„Тоа е една коалиција на луѓе кои се манипулирани, но и на луѓе кои точно знаат што прават со криминално стекнати пари и за да го заштитат сето тоа, свесни за одговорноста којашто следи, ќе се обидат на секаков начин да внесат немир, да ја дестабилизираат состојбата во Македонија затоа што се свесни дека оваа влада има амбиција многу жестоко во исправање на грешките кои тие ги направија“ – додаде Мицкоски.