Премиерот Христијан Мицкоски денеска за време на својата прва официјална посета во Загреб изјави дека е убеден дека Македонија нема да биде жртва на билатерални спорови на патот кон целосна интеграција во Европската Унија. Тој се заблагодари за поддршката од хрватскиот премиер Пленковиќ за евроинтегртивните процеси.
– Благодарен сум за поддршката којашто ја добиваме од премиерот Пленковиќ, од министрите во хрватската Влада за евроинтегративните процеси, иако фрустрацијата и неправдата, којашто ни е нанесена како македонски граѓани, како држава е голема, бидејќи повеќе од две и пол децении се позади нас откако го почнавме овој пат, но за жал сѐ уште сме во еден вртлог во којшто нема извесен крај, иако желбата на македонските граѓани да бидат дел од семејството на Европската Унија е голема. Но, се надевам дека како нова влада, со реформите коишто планираме да ги направиме најпрвин на домашен план, а потоа и во соработка со нашите пријатели, хрватската Влада, но и останатите пријатели коишто доаѓаат од земјите членки на Европската Унија, конечно таа неправда после повеќе од или би рекол скоро две и пол децении од денеска, ќе биде исправена и македонските граѓани ќе можат да бидат заедно со европските граѓани како дел од големото европско семејство – изјави Мицкоски.
Премиерот Мицкоски рече дека со неговиот колега Пленковиќ разговарале за уште неколку заеднички теми, коишто се од огромно значење за двете држави, меѓу кои и економската соработка.
„ Има простор за напредок, голем број македонски, голем број хрватски фирми се присутни на заедничките пазари, а зошто во иднина и да не настапат заедно на трети пазари. Тоа е суштината на пријателските односи, кога покрај политичките и граѓанските релации ќе имаме и бизнис релации кога заедно ќе настапуваме во конзорциум на трети пазари и на тој начин ќе можеме да додадеме вредност во економиите на двете земји. Јас апсолутно верувам дека заедно со мојот драг пријател Андреј ќе направиме многу за нашите две братски нации и дека тоа што до сега е ниво постигнато во нашите меѓусебни односи само ќе биде еден почеток на уште подобро градење на заедничките односи – рече Мицкоски.