Мицкоски: Би било наивно да доставиме предлог до Собрание за уставни измени со одложено дејство пред да се формира Влада во Бугарија

by Fokus

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека би било наивно до Собранието да се достави предлог за уставни измени со одложено дејство пред да се формира влада во соседна Бугарија

„Таков потег унилатерален би значело целосно загрозување на ионака загрозените, поради авантурите на претходната влада, евроинтеграции на Македонија како држава. Се разбира дека треба да добиеме било каков сигнал за да одиме чекор напред, сигурно нема да влеземе во било каква авантура. Инаку ние можевме тоа многу порано да го направиме ако бевме почетници во оваа работа. Не сме ниту Бујар Османи, ниту Маричиќ, ниту Ковачевски да бидеме лековерни и наивни и да веруваме на интересите на трети страни. Наш интерес се македонските граѓани, државата и евроинтегративните процеси и тука стоиме во првата линија и ќе ги браниме и ќе се бориме“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека во ваква ситуација не може да има двајца победници. Ќе направиме потег, вели Мицкоски, само тогаш кога јасно ќе го видиме крајот, во спротивно нема да направиме ништо.

„Не можеме, да најдеме ‘вин-вин’ решение. Не може двајца да победат. Овде ќе биде ‘луз-луз’, секој по нешто за изгуби. Но, вака како што е претходно концепиран францускиот предлог, ние губиме сè, а не добиваме ништо. Не мислиме да влеземе во процесот и по шест месеци, година, две или три повторно некое прашање од средниот век да ни биде пречка да можеме влеземе во 22. век. Тоа нема да го дозволам додека сум претседател на Владата. Кога ќе дојдат медиокритети и егзибиционисти, какви што имавме изминатите седум години во политиката, можеби тие би прифатиле сè на сметка на подлабокиот нивен приватен џеб“,додаде Мицкоски.

Премиерот порача дека државата има јасна цел и дека мора да се брани тоа што претходните го распродале.

„Ќе го браниме и ќе до одбраниме“, посочи тој и повика на широко обединување во име на исполнување на стратегиската цел на земјава – членството во ЕУ.

Поврзани новости