Ние како ВМРО-ДПМНЕ предупредивме пред отприлика 2 години за ова што денес е актуелна тема, а пред отприлика 6 месеци медиумите се занимаваа со ова, а гледате дека на МВР на Оливер Спасовски му требаше речиси две години да отпочне предистрага, значи тука немаме ни истрага, коментираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ , Христијан Мицкоски, во врска со големиот скандал со препродавање на лекови на Клиниката на онкологија.
-Сите оние кои се дел од ваквата здравствена мафија за неколку месеци од сега ќе бидат изведени пред лицето на правдата и во соодветна постапка ќе одговараат. За месеци од денеска, сите овие луѓе што се дел од оваа здравствена мафија, која што профитирала на грбот на пациентите кои што го губеле својот живот, ќе бидат изведени пред лицето на правдата и нормално соодветно на доказите ќе бидат санкционирани – рече Мицкоски.
Тој истакна дека покрај кривичната одговорност, треба да се бара и политичка одговорност за тие кои знаеле за ваквите состојби, но ништо не преземале со месеци и години.
-Ако некој пред две години предупредувал, вие медиумите пред 6 месеци, зошто на некој му требаше 6 месеци да чека за да отпочне предистрага? Прашањето е колку човечки животи во меѓувреме се загубени? – праша Мицкоски.