Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара извинување од медиумите кои објавија дека тој поседува скриен имот. Како што напиша тој на фејсбук, станува збор за лага и клевета, па најави тужби за лаги и клевети доколку за 24 часа не добие извинување.
„ДУИ нареди, а СДСМ исполни. Кога не можат поинаку, одлучија со брутални невистини повторно да ја нападнат мојата чест, честа на моето семејство, но и честа на семејството на мојата сестра. Семејниот дом на семејството на мојот зет, сестра и внука, создаден со продаден имот добиен како наследство и подигнат банкарски кредит да го претстават како мој скриен имот.
Ниту сум купил, ниту поседувам скриен имот. Денес е прочка и јас им простувам за ова што ми го прават мене и на моето семејство и затоа имаат 24 часа медиумите блиски на ДУИ (лице вработено во кабинетот на Артан Груби) и СДСМ (Џабир Дерала) да ми се извинат за лагите кои ги објавија, а доколку тоа не го сторат ќе ја барам правдата преку судски процес“, напиша Мицкоски.
Претходно, излезе напис во порталот Индекс, кој потоа го пренесоа неколку портали, кои наведуваат дека Мицкоски се крие зад куќа во Козле што се води на име на неговиот зет, која има вредност од милион евра.