Мојата порака и до градоначалничката Данела Арсовска и до премиерот Димитар Ковачевски е кога ќе се среќаваат на тие тајни средби во Владата да договорат суштински работи кои ќе им помогнат на превозниците, како попуст за нафтата, затоа што така им помагаат на скопјани, порача денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање како го коментира протестот на приватните превозни и одбивањето на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска да разговара со нив за изнаоѓање на решение и стопирање на хаосот во градот со јавниот превоз.
„Изминатите денови во јавноста дел од партиските соработници на Ковачевски излегоа со договорот што ЈСП го има потпишано за набавка на нафта. Излегоа против нивниот партиски другар, кој што е директор на ЈСП и е член на централното раководство на СДСМ. И таму, за волја на вистината, погрешно го цитираат членот 3 и велат дека има фиксна цена, што не е точно.
Ако го прочитате подолу, бидејќи не го читаат до крај или ги мрзи или пак сакаат да спинуваат, во договорот ќе видите дека цената која ја плаќа ЈСП ја плаќа врз основа на утврдената малопродажна цена на Регулаторна комисија и таа се нивелира од ден за ден. Точно е тоа дека има фиксна цена, но што не содржи овој договор? Овој договор не содржи рабат или попуст кој што го содржале сите договори на сите минати раководства, дури и во времето на Петре Шилегов, и во времето на Коце Трајановски.
А тој рабат е 6 денари за еден литар. Ако дневно троши ЈСП 25 тона нафта, тоа се 25 илјади литри, со овие 6 денара тоа е 150.000 денари или 2.500 евра на ден, односно 75.000 евра месечно, односно околу 900.000 евра годишно. Еве ги парите за приватните превозници кои што ЈСП им ги должи“ порача Мицкоски.