Несериозно е власта да вели дека се е под контрола и дека државата одлично се справува со пандемијата, а фактите говорат дека државата нема ниту вакцини, ниту пак доволно лекови за лечење на пациентите болни од коронавирусот, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на ТВ Клан.
-Доколку ВМРО-ДПМНЕ беше власт, вакцини во државата ќе имаше со сигурност, бидејќи како одговорна и сериозна политичка партија, прва и основна задача во ваква ситуација ќе беше да се изнајдат вакцини и да се отпочне процес на вакцинација. Недозволиво ќе беше ВМРО-ДПМНЕ да се занимава со апсолутно неважни работи, додека граѓаните чекаат вакцини и молат за спас на нивното здравје. Така да, гарантирам дека доколку ВМРО-ДПМНЕ беше власт сега, граѓаните ќе имаа вакцини и македонскиот народ ќе беше во најголем дел веќе вакциниран – вели Мицкоски.
Според него, антиковид мерките не се доволни, бидејќи, како што истакнува, треба многу повеќе.
-Но тоа може да се разговара со разумни луѓе кои слушаат, овие не слушаат, полни се со фрустрација, инает, его итн. Но, вакви какви што се мерките подобро да стигнат онаму каде треба, отколку никакви мерки – посочи Мицкоски.