Ако Преспанскиот договор е брилијантно ремек – дело, зошто тогаш да не се преслика за решение со Бугарија. Ваква порака испрати премиерот Мицкоски од Салцбург, Австрија, за време на неговото обраќање на 20тиот Европски Самит.
На панел посветен на иднината и реформите на Европската Унија, Мицкоски порача дека спорот со официјална Софија е наметнат, додека суштината е тврдењето на Бугарија дека македонската нација е создадена 1945та како производ на комунистичката коминтерна, а Македонците претходно биле Бугари.
– Ако Преспанскиот Договор беше ремек дело на европската дипломатија, нешто што е брилијантно, тогаш зошто да не го реплицираме ова ремек-дело за изнаоѓање решение, конечно, пристојно, долготрајно, одржливо решение кое ќе обезбеди решение за овој вештачки спор? Ова не е спор со корени, ова е спор кој што е вештачки спор, рече Мицкоски.
Порача дека Бугарија не ги почитува 14те пресуди од Судот за човековите права во Стразбур за регистрирање на здружение на Македонците и дека со тоа покажува отсуство на волја за приближување на работите во позитивна насока.
– 14 пати во полза на македонската заедница во Бугарија и ниту еднаш за бугарската заедница во Северна Македонија. 14 наспроти нула. И сега се прашувам – зошто треба да го смениме нашиот устав, кога човековите права не се применливи? А што е со македонската заедница во Бугарија, на која бугарските власти не и дозволуваат – не да биде дел од бугарскиот устав, ние разговараме за регистрација на невладини организации, рече премиерот.