Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, вели премиерот Христијан Мицкоски, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата секогаш се подготвени за избори.
„Јас сега тоа сум го кажал и повторил многу пати. Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори и тоа е јасно, на сите анкети тоа се говори. Дури има и такви минувачи што на улица ме среќаваат кои самите кажуваат дека повторно вас ќе ве гласаме, зошто да трошиме пари, дајте да испорачаме тоа што е сработено. Јас разбирам, сега некои од опозициските партии мислат дека на тој начин ќе привлечат поголемо внимание, рече Мицкоски.
Тој додаде дека партијата секогаш е подготвена за избори. Нагласи дека вчера имале долга седница на Извршниот комитет на партијата, која траела до раните утрински часови.
„ Партијата е консолидирана, апсолутно функционална, што се вели задутре можеме да истрчаме на терен, но тоа не е суштината. Ние треба да испорачаме што на вистинските херои им е потребно, а на нив им е потребно клима за да можат да водат бизнис, да инвестираат, да вработуваат луѓе, а со тоа да растеме како држави. Имаме избори локални следната година и граѓаните на тие локални избори ќе кажат дали се потребни парламентарни или не се потребни, рече Мицкоски.
Доколку се потребни парламентарни избори, додаде дека ќе може да се организираат веднаш по локалните избори. Мицкоски нагласи дека ако изгубат на изборите, тоа нема да го игнорираат како што направиле СДСМ и ДУИ во 2021 година.
„Ако тие речат црвен картон има Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ако ги изгласаат градоначалниците на ДУИ и на СДСМ, тогаш јасна е пораката, ние нема воопшто да ја игнорираме таа порака. Ние не сме СДСМ и ДУИ што ја игнорираа пораката на народот за 2021 година и на сила беа во владата. Ние таа порака нема да ја игнорираме, така што прв тест ќе бидат локалните избори следната година. Доколку коалицијата Левица, СДСМ и ДУИ ја победи владината коалиција, тогаш апсолутно ние немаме што да кажеме. Доколку ние победиме, очекуваме конечно да се завртат кон самите себе, да се реформираат со нови луѓе, со нови програмски идеи и да се најдеме на следните редовни парламентарни избори во 2028 година, рече Мицкоски.