Мицевски згрозен од недоличното однесување на Апасиев:„Овој срам никогаш да не се повтори!“

by Fokus

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски вели дека е згрозен од денешното недолично однесување на претседателот на Левица, Димитар Апасиев.

„Најпрво како човек, а потоа како пратеник и координатор на пратеничка група во Собранието, сакам да изразам огромна згрозеност од денешното недолично, безобразно и срамно однесување во Собранието, на претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев.

Очигледно, комплексите, нервозата и агресијата, домашното невоспитание и недостигот на основна култура, денес ја доживеаја својата кулминација. Неконтролираниот излив на физички и вербален бес и навреди на лицето Димитар Апасиев кон колегите пратеници, мажи и жени, беше само уште еден очаен обид на таканаречениот „универзитетски професор“ да ја задоволи својата жед за медиумско внимание и „лајкови“ на социјалните мрежи“ напиша Мицевски на Фејсбук.

Според Мицевски, единственото добро што може да произлезе од ова ниско, скандалозно и срамно однесување на Димитар Апасиев е тоа што целата македонска јавност, во живо на собранискиот канал, имаше можност да види и да се увери во вистинското лице на Д. Апасиев и начинот на кој што нивната „фејсбук“ партија делува, размислува и се однесува.

„Јавно извинување и искрено каење за недоличните зборови и постапки кон колегите пратеници од страна на човек кој не поседува основни човечки вредности и достоинство, не барам, а искрено и не очекувам. Но барем, очекувам да се покае и извини до сите жени, мајки, сестри, сопруги и девојки кои денеска тој, индиректно најбрутално ги навреди и понижи.

На крајот би упатил порака со надеж и желба, овој срам никогаш да не се повтори!“ порача координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Обезбедувањето и неколку пратеници денеска спречија физичка пресметка помеѓу лидерот на Левица, Димитар Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ на собраниската седница за поставување на опозициски пратенички прашања.

Мешаницаста настана кога Реџеп Исмаил од Левица му постави пратеничко прашање на премиерот Христијан Мицкоски, а тоа претходно не било писмено најавено кај претседателот на Собранието. На ова процедурално реагираше Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ дека го изигруваат Деловникот. По ова настана мешаница, а Апасиев од место довикуваше и замавнуваше со, најверојатно Деловникот кон пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости