Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на денешната седница на која се ратификуваше протоколот за членство на Македонија во НАТО, истакна дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш била за влез на Република Македонија во НАТО. Потсети дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ беше иницијатор на предвремена ратификација на протоколот за членство во НАТО на Македонија.
–Полноправното членство во НАТО е остварување на една од стратешките цели на Македонија. Безбедноста и сигурноста на граѓаните и државата секогаш биле приоритет за ВМРО-ДПМНЕ и како одговорна партија која што прва си ја поставила оваа стратешка цел имаме одговорност пред граѓаните да ја исполниме, иако денес тоа го правиме во услови на некоја друга реалност.
Првата Декларација за влез на државата во НАТО Алијансата е поднесена далечната 1993 година токму од ВМРО-ДПМНЕ, потсети тој, и е изгласана со консензус од сите политички партии во Собранието во тој период.
Посочувајќи на причините за иницирање на предремената ратификација на протоколот за членство во НАТО, Мицевски рече дека Македонија одамна го има заслужено членството во во НАТО уште во 2008 година, кога бевме блокирани и не добивме покана за членство, а оваа стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ е дел и од Статутот на партијата каде што во членот 8, во Цели и Задачи стои дека партијата ќе се залага за вклучување на државата во Европската Унија и во НАТО.
-Втората причина зошто ВМРО-ДПМНЕ иницираше предвремена ратификација на протоколот за членство во НАТО е за да се избегнат какви било изговори од страна на владејачкото мнозинство за одложување на веќе закажаните и договорени предвремени избори на 12 Април оваа година. ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да го загрози политичкиот договор за предвремени избори на 12 април со тоа што на некому ќе му даде изговор дека протоколот за членство во НАТО не е усвоен, рече Митрески.
Почитувани присутни, потенцира тој, ние сме политичка партија која што ги следи принципите на легалност и реалност која што може да ја критикуваме и имаме право да ја оспоруваме, но во никој случај немаме намера како партија да ја загрозиме суштинската определба и заслуженото членство во НАТО кое што земјава го чека полни 12 години.
-Затоа, членството во НАТО е уште една можност повеќе за државата да се слушне во Северноатланската Алијанса, за Македонија да се проговори во Северноатланската Алијанса и на лице место со самите сојузници во НАТО, ние на увид да го претставиме и да го покажеме нашиот придонес кој што земјава до сега го давала во мисиите во НАТО и кога не била земја членка и од моментот кога формално правно ќе станеме земја членка на Алијансата, рече Мицевски.
Деновиве, како што кажа координаторот на пратеничката група на опозициската партија, има обиди на манипулации со граѓаните за противењето од страна на ВМРО-ДПМНЕ за смена на името на Армијата на Република Македонија.
-Сите битни стратешки закони од областа на безбедноста и од областа на одбраната во кои што ВМРО-ДПМНЕ сериозно беше консултирано за изготвување на заеднички текст поминаа со двотретинско мнозинство и поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно е дека во предлог Законот за Армијата, Владата се обидува да прави опструкции истиот да не помине за да може пред јавноста да шири една лажна перцепција дека некој во оваа држава е за НАТО, а некој е против, дека некој е за безбедна држава, а дека некој е против тоа. Тоа е само лажна предизборна реторика. ВМРО-ДПМНЕ било и останува на својот принцип за членство во НАТО кое што државата и македонските граѓани го имаат заслужено од 2008 година, рече Мицевски.
Власта свесно премолчува, посочи тој, дека во самиот договор со Грција, кој што секој има право да го критикува, „пишува дека називите на одредени институции, установи, органи, или документи кои што се претежно за внатрешна употреба во државата ќе треба да почнат да се менуваат откако ќе почнат преговорите на Македонија со Европската Унија во таа област односно со секое ново отворено поглавје“.
-Во овој момент не треба да се политизира ова прашање за Законот за Армијата, а името на Армијата може да биде еден дел од достоинството кое што припадниците на Армијата го заслужиле од земја која што ќе биде полноправна членка на НАТО Алијансата, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Мицевски.