Оваa Влада, исто како и досегашната, нема кредибилитет и капацитет да ја извади Македонија од тешката ситуација во која што се наоѓа веќе подолг период поради деструктивното и катастрофалното владеење на претходникот и учителот на Димитар Ковачевски – Зоран Заев, рече координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на денешната собраниска седница за изборот на новата влада.
-Погубните политики на СДСМ кои беа водени од луѓе и кадри кои доведоа до страшна криза во Македонија во здравството генерално, вклучувајќи ги и последиците од КОВИД 19, енергетската криза, хаосот со снабдување на Скопје со топлина, како и економската криза во државата, сега ние треба да поверуваме и да очекуваме дека овие исти луѓе ќе донесат добро за државата и граѓаните – рече Мицевски.
Тој го повика мандатарот Ковачевски да не биде слеп послушник и извршител на досегашните деструктивни политики.
-Се надевам дека нема да Ве заслепи златниот сјај на прескапиот прибор и дека, доколку добиете шанса, ќе работите во интерес само на граѓаните и државата, а не во интерес на партијата – рече Мицевски.