Пазар со уставобранителите и осудените за 27 април со уставните измени нема да има, тоа не го сакаат ни тие. Од она што го имаме како информации и од адвокатите кои зборуваме, не сакаат на крај на денот да ги третираат како терористи, затоа е и овој Закон за амнестија да се исправи огромната грешка со Законот за амнестија од 2018 и селективната правда, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Никола Мицевски за „10 минути“ на ТВ21.
Мицевски потенцираше дека уставобранителите биле уценувани да кажат дека имаат направено нешто за да добијат помали казни, не го сториле тоа и не бараат милост туку правда.
– Затоа ние како пратеничка група по инцијативата на двајцата адвокати ги повикавме на средба им укажавме на забелешките, се сложија и таа иницијатива е поднесена во Собрание на 3 февруари. Првата седница е на 13 февруари, очекуваме дека нема да имаме пречка или некој технички злоупотреби на процесот од страна на Џафери и истото ќе се најде на дневен ред, рече Мицевски.
Тој додаде дека тоа што е важно е дека се опфатени сите осудени лица и со ова законско решение ќе исправи селективната правда.
Мицевски додаде дека ако го следиме целиот овој процес ќе видиме дека најавените уставни измени беа најавени по изгласување на францускиот предлог, потоа власта ги помести за почетокот на оваа година па сега, според него, одредени структури од СДС велат дека тоа би се случувало на пролет или летото, а дури се одело и до таму што се зборува дека овој мандатен состав нема да направи уставни измени.
-Зошто го зборувам ова? Затоа што можете да ја видите кохезијата која ја има во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери а со последниот закон кој го поднесовме законот за амнестија, рече Мицевски.