Колега Скендер ајде заедно да ја урнеме криминалната и од народот делегитимирана влада, му пишува денеска Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на пратеникот Скендер Реџепи – Зејди од Алтернатива кој изјави дека ако Алтернатива одлучи да ја урне Владата заедно со Левица, тој ќе ја напушти партијата.
Мицевски му вели дека откако во петокот јасно и недвосмислено 61 пратеник се потпишаа на иницијативата за недоверба на владата, хибридниот режим на власта започнала со брутална кампања, со многу притисоци, закани и уцени да го гази човечкото достоинство и да го урива кредибилитетот на институцијата македонско собрание.
-Колега Скендер Реџепи да го сочуваме достоинството на пратениците и затоа Ве повикувам заедно да ставиме крај на газењето на пратениците од страна на хибридниот режим и согласно член 92 од Уставот, изберете 19 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои заедно со вас ќе поднесат нова иницијатива до Собранието за гласање на недоверба на владата на хибридниот режим СДСМ-ДУИ. Да нема изговори зошто се потпишал овој или оној бидејќи ова е гласање против хибридниот режим на СДСМ-ДУИ. Се надевам дека ќе застанете заедно со мнозинството на пратеници и ќе го сочуваме достоинството на пратеникот и угледот на македонското собрание. Одлуката овој пат е многу поедноставна, овде не се гласа за идеологија, туку вистинското прашање дали ќе дозволиме да продолжи криминалот и корупцијата или заедно ќе ја реформираме нашата заедничка татковина, вели Мицевски.
Пратеникот Скендер Реџепи – Зејди, пак гостувајќи во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21, рече дека лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села му кажал дека не доаѓа во предвид Левица да биде дел од ова мнозинство.
-Зијадин Села ми рече дека не доаѓа во предвид Левица да биде дел од ова мнозинство. Јас мислев дека во тоа мнозинство ќе бидат БЕСА и ЛДП, бев прелажан. Народот кој ме гласал не ми дал мандат да седнам на иста маса со Левица која е антиалбанска партија, анти НАТО и анти ЕУ, порача Реџепи.