Мицевски: Бугарските европратеници бараат бришење на македонскиот јазик

by Fokus

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на својот Фејсбук објави дека пратениците на бугарскиот парламент без оглед од која партија доаѓаат, бараат бришење на македонскиот јазик.

Мицевски додаде дека оваа уцена нема да биде последна од страна на Бугарија, и затоа тие како партија нема да попуштат.

-Полека но сигурно, вистината испливува на површина!Иако декларативно и постојано не’ убедуваат дека македонскиот јазик е „заштитен“, конечно гледаме дека тоа не е вистина.

Очигледно, само Владата на Република Македонија не ја гледа или не сака да ја види бугарската негаторска и асимилаторска политика кон Македонија, македонскиот народ и македонскиот јазик.
Имено, последниот доказ за тоа е заедничкиот став на бугарските европратеници.Без разлика од која политичка опција доаѓаат, тие бараат БРИШЕЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК.

Ова повеќе не се само желби искажани напразно, ова е веќе официјална политика на Бугарија кон Македонија, која што во текот на вчерашниот ден, уште еднаш се потврди преку амандмани на Мешовитиот парламентарен комитет во Стразбур, поднесени од страна на бугарските европратеници каде побараа бришење на македонскиот јазик.

Како едни од подносителите на овие амандмани се вбројуваат и Сергеј Станишев, претседател на Групата на социјал-демократи во Европскиот парламент и поранешен премиер на Бугарија, како и од Александар Јорданов, од Сојузот на демократски сили и поранешен амбасадор во Македонија.

Значи, без разлика на која политичка опција припаѓаат бугарските претставници и државници, бугарската политика и дипломатија кон македонското прашање не се менува. За жал, тоа не е случај и кај нас.Токму затоа, уште еднаш јасно и гласно кажувам дека решението не е во ова што ни се нуди и упорно ни се сервира како опција која што треба и мора да ја прифатиме.

Ве уверувам дека ова нема да биде последната уцена и вето кон Македонија од страна на бугарската страна, бидејќи токму штетниот Договор за добрососедство потпишан од страна на македонската влада го дозволува тоа.

Оттука, повторно сакам да упатам силна порака дека уставни измени нема да има се додека не се укине и измени уценувачкиот и асимилаторскиот Договор за добрососедство, кој што за волја на вистината е извор на сите неправди, уцени, негации и омаловажувања на македонскиот народ.

Ова е мојот став и ставот на ВМРО-ДПМНЕ од кој нема отстапување и нема попуштање.

Сакале или не, ова мора да го разберат и прифатат и претставниците од македонската и претставниците од бугарската Влада.“, се вели во објавата на Мицевски.

Поврзани новости