Митрополитот Тимотеј: Следниот месец очекуваме покана од патријархот  Вартоломеј

by Fokus

Покана за средба со Вселенскиот Патријатх Вартоломеј очекуваме следниот месец вели портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА, митрополитот Тимотеј коментирајќи ја вчерашната посета на македонската политичка делегација на Цариградската Патријаршија.

– Како црква очекуваме позитивни реакции и решение, поради тоа што Вселенскиот Патријарх наговестува дека ќе организира средба. Очекуваме да бидеме повикани таму идниот месец, не знаеме со сигурност дали ќе бидат поканети претставници на  Српската црква, но останува да видиме што ќе се случи и како ќе се развива решавањето на спорот во иднина – изјави митрополитот Тимотеј за „Фокус“.

Во соопштението Вселенската патријаршија јасно потврдува дека барањето на МПЦ-ОА за апелациона постапка е потврдено и прифатено и дека процесот на решавање на статусот е во процедура.

-Во текот на разговорот беа ставени на тапет претходните фази на прашањето, помеѓу кои и желбата на тамошната Црква да се врати во каноничност, под името Охридска архиепископија, согласно своевремено поднесената молба за апелација (еклитон) од нејзина страна. Атмосферата на разговорот беше топла и искрена, а потоа високите гости седнаа на патријаршиската трпеза, по што си тргнаа за назад. Господинот премиер и тие со него ја изразија својата почит и доверба кон Мајката Црква, чиј благослов го добија за целиот тамошен клир и народ, стои во соопштението на Вселенската Патријаршија.

Вселенскиот патријарх, посочил дека ќе ги покани претставници на СПЦ и на МПЦ во Истанбул за понатамошни консултации околу решавањето на црковниот спор.

За време на разговорот, покрај Вселенскиот патријарх биле присутни и Високопреосвештените митрополити Француски г. Емануил, Силивриски г. Максим, Адријанополски г. Амфилохиј, Високопреподобниот архимандрит г. Јоаким и ѓаконот Григориј, секретар и помошник секретар на Светиот и свештен синод, соодветно, како и почитуваниот г. Константин Деликонстантис, архонт учител на Родот и директор на Првата патријаршиска канцеларија.

Поврзани новости