Во реновираната црква ,,Свети Атанасиј’’ во Неготино, Митрополитот Агатангел доби своја икона. Со висина од околу два метри и должина од околу еден метар, иконата со ликот на Повардарскиот Митрополит се вброи помеѓу многуте нови икони со светци, во единствената православна црква во градот, која беше преосветлена пред две недели, по завршувањето на целосното надворешно и внатрешно реновирање.
Црквата која е изградена во 1837 година претставува соборен храм за целата Неготинска Парохија, а нејзиното реновирање започна во 2015 година. Беше обновена фасадата, внатрешниот дел, и поставени нови фрески и иконостас. Работите во црквата биле финансирани од Повардарската епархија, и донации од фирми и граѓани.
Претпоставка на граѓаните е дека најверојатно поради тоа, Митрополитот добил своја икона.
Ова не е прв пат да се најдат икони од ктитори и донатори кои помогнале да се реновираат или изградат духовни храмови во земјава. Ако во минатото само се испишувале имињата на ктиторите, денес се почесто се изработуваат и нивни икони, односно слики, иако тие не се светци. Таков беше случајот со бизнисменот Ристо Гуштеров во храмот ,,Света Тројца’’ во Радовиш и семејството на професор Др. Ванчо Чифлиганец во црквата ,,Свети Јован Крстител’’ во Скопје.
Инаку, Митрополитот Агатангел во изминатиов период се најде на мета на критики поради тоа што вовел нова давачка за фотографирање пред црквата од 500 денари, и внатре од 1.500 денари. На оваа одлука најбурно реагираа фото студијата, а некои од нив најавија и бојкот на црквите. Исто така, тој беше дел и од протестите на граѓанската иницијатива ,,За заедичка Македонија’’ каде порачуваше дипломатите да не му вршат притисок на претседателот Ѓорѓе Иванов, оти никој друг, туку Господ го донел на таа функција.
Исто така, на почетокот на годинава, на света литургија во Ваташа, Кавадарци, проповедаше против Тиранска Платформа, по што граѓани со отворено писмо до медиумите му порачаа дека им е доста од омраза, национализам и нетрпеливост, и како на народот му е смачено црквата да го ,,дере’’ за венчавки и погреби, додека свештените лица се возат во најскапи џипови.
Веќе извесен период следат и голем број на апели од јавноста, црквата да им излезе во пресрет на децата кои што се лекуваат и чии животи се спасуваат со донации, и да донира во име на хуманоста.
Вики Клинчарова