Нема ништо лошо во тоа што претседателот Стево Пендаровски се сретна со Вселенскиот патријарх Вартоломеј во Истанбул, вели митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар, кој е задолжен за меѓународните односи во Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА.
-Јас лично не бев информиран за тоа од никого, но претпоставувам дека вршејќи ја функцијата како претседател, ја имал таа можност да воспостави контакти и нема ништо лошо во тоа што направил средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј, рече во изјава за Сител, владиката Петар.
Вели дека моментално заради коронавирусот македонското црковно прашање не е ажурирано во смисла што поскоро да се надмине и да се реши, но штом се отвори можност очекува покана за средба од Вселенската патријаршија.
-Тоа е исклучиво работа на време и се надевам при првите можности кои ќе и се укажат на нашата црква, од страна на Вселенската патријаршија, ќе бидеме најверојатно повикани на една официјална средба и на таа средба најверојатно ќе се каже мислењето и ставот како да се надмине прашањето со самостојноста на МПЦ, истакна владиката Петар.