Анкетниот лист на довчерашниот претседател на ССМ, Живко Митревски, тежи 200.000 евра. По седум години и два мандати на чело на синдикалците, Митревски си заминува од функцијата со заштеда на девизните книшки од околу 20.000 евра, од кои дел се на име на неговата сопруга.
Во Антикорупциска комисија Митревски го пријавил својот имот како член на Управниот одбор на Фондот за пензиско осигурување. Вчера новото претседателство на ССМ објави дека освен платата од 50.000 денари која ја земал како претседател, Митревски месечно примал и по 10.000 денари како член на УО во ПИОМ.
Според анкетниот лист, Митревски поседува куќа во Битола од 168 метри квадратни, а во вредност од 109.000 евра. Во Скопје има стан од 49 метри квадратни, со тераса и подрум, а во вредност од 60.000 евра. Станот е на име на неговите деца.
Како што рекоа вчера од ССМ, на сметка на Сојузот Митревски си плаќал кирија за стан во Скопје, но освен тоа, ССМ му ги покривал трошоците и за сметки, комуналии, чистачка и други потреби.
Освен тоа на располагање имал две службени возила и два шофери, еден во Битола, а еден во Скопје, посочија од ССМ. Според анкетниот лист, пак, од личен имот Митревски има возила ренаулт лагуна од 4.000 евра. На негово име се и уметнички слики вредни 3.000 евра, а стекнати по пат на наследство. Од долгови има хипотека на личен имот во износ од 25.000 евра.
Маја Васева