Текстот е објавен на 26-ти октомври 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 904
Ако за некого зборот „раскрчмување” значи распродажба на објекти кои се веќе стокмени за некого, кој по правило ќе понуди најниска цена и најверојатно ќе биде единствен понудувач бидејќи нема конкуренција, за други зборот „раскрчмување” значи спасување. Зависи кој како ја гледа ситуацијата.
Ако во случајот со распродажбата на имотот на Сојузот на синдикатите на Македонија, дел од гранковите синдикати гледаат можност некој да го ќари вредниот имот во центарот на Скопје за ситни пари, претседателот Живко Митревски гледа можност за спречување штетни договори и исклучително чесни и искрени намери да се реши дилемата со имотот на ССМ. Секој смета дека е во право, но ќарува оној што е близок со власта.
Другите можат само да докажуваат во празно, гледајќи како се продаваат илјадници квадратни метри простор, кој по правило треба да е во рацете на работниците. Но, работничка класа веќе речиси и да нема, бидејќи реално, нема кој да застане зад неа, а и да има, нема време за тоа додека се занимава со најмување адвокатски канцеларии, проценка на имот и негова продажба!
ПАЗАРНАТА ЛОГИКА НА МИТРЕВСКИ
Во минатиот број на „Фокус” објавивме дека околу 15 илјади квадратни метри простор ќе се најдат на продажба, од рацете на ССМ во рацете на некој што ќе има доволно пари и моќ да си игра со работничките домови и од нив да прави хотели и ресторани. Минатиот месец е донесена одлука за продажба на три големи објекти, и тоа делови кои се соединети со големата зграда на ССМ во центарот на Скопје, каде што во моментов се наоѓа ресторанот „Рагуза” и казиното, како и синдикалната зграда во Прилеп. Оваа зграда, која се наоѓа на улицата Рампо Левката 18 во Прилеп, има 13.602 квадратни метри. Тука влегува недвижниот имот од 897 квадратни метри и дворно место од 547 квадратни метри.
На улицата 12 Ударна бригада 2а во центарот на Скопје се наоѓа и објектот од 480 квадратни метри, која во моментов е даден под закуп на ресторанот „Рагуза”, а на сметката на ССМ секој месец легнуваат парите од киријата. Истото се случува и со казиното, простор од 340 квадратни метри, сопственост на ССМ кој се издава под наем. И така, се собираат околу 15 илјади квадратни метри простор на атрактивни локации кој ќе се најде на продажба.
За дел од претставниците на гранковите синдикати, ова значи целосно раскрчмување на имотот на ССМ, со цел што побрзо да се продаде пред почетокот на изборите, а веднаш потоа промената на сопственоста да биде впишана во Централниот регистар. Нема бизнисмен кој не би посакал толку атрактивни локации, но искуството нѐ тера да мислиме дека оваа привилегија ќе ја имаат само одредени бизнисмени чии имиња веќе почнаа да се вртат во јавноста.
За сето ова, очекувано, Митревски не слушнал ништо. Одлуката за продажба на имотот тој ја правда со штетните договори што ги склучил неговиот претходник Ванчо Муратовски, па во неговиот обид за продажба тој гледа можност за спас на имотот.
– Од ресторанот Рагуза земаме кирија од 150.000 денари, а од казиното кое се дава под закуп киријата е 100.000 денари. Станува збор за два исклучително штетни договори кои се склучени до 2018 година. Со вториот договор, за казиното, се дава можност и за подзакуп, па во случајов ние добиваме 100.000 денари, а потоа тоа се реиздава за 280.000 денари. Договорите не можеме да ги раскинеме, бидејќи за тоа треба да плаќаме пенали, а цели десет години Муратовски на некој му овозможувал да профитира. Освен тоа, не е точно дека во време на економска криза не се продава имот. Па, погледнете во Германија, продадени беа сите центри за едукација и банки, со цел државата да се справи со кризата – ни изјави Митревски.
Тој вели дека во последниов период е комплетно посветен на анализирање на имотот на ССМ, со цел да се расчисти нешто што претходно не било направено. Но, нејасно е зошто под расчистување веднаш се алудира на продавање, бидејќи, доколку постоеле штетни договори, постојат и судски инстанци што можат да го утврдат тоа. Уште повеќе, постојат можности за раскинување на договорите, без притоа да се продава имотот.
Тргнувајќи од простата логика – ако секој што издава стан под кирија, не е задоволен од сумата што ја добива, договорот може да го раскине, без разлика на колку години е склучен. Ако станува збор за штетен договор, направен со цел некој да профитира, тоа би требало да претставува многу лесен случај за кривичниот суд. Сето останато може да се сфати како линија на помал отпор или можеби одење кон уште поголема штета, за некој друг да ќари!
Ако не можам да го издавам, ќе го продавам – е девиза која навистина не би требало да се очекува од институција како Сојузот на синдикатите на Македонија. Патем, работниците во минатото важеа за борци за сопствените права, но тоа очигледно останало во минатото, затскриено под превезот и под црните очила за сонце на синдикалните лидери!
„ФОКУС” МУ ГИ ОТВОРИ ОЧИТЕ НА ССМ?!
Она што фрли дополнителен сомнеж во случајот со продажбата и проценката на имотот на ССМ е и ангажираната адвокатска канцеларија на Александар Михајловски, која треба да почне постапка за докажување на сопственоста на недвижниот имот на ССМ на неколку локации. Станува збор за работничкиот универзитет „Кочо Рацин”, синдикалното одморалиште „Орце Николов” во Охрид и паркинг-просторот пред ССМ.
Симптоматично е тоа што адвокатот Михајловски важи за адвокат близок до ВМРО-ДПМНЕ, односно, можеме да го видиме седнат до Александар Бичиклиски, Силвана Бонева и до многу други високи членови на владејачката партија. Речиси и да нема адвокат кој не знае дека Михајловски, всушност, е адвокатот на партијата.
А тоа не е случајно, бидејќи е и претседател на комисијата за правни прашања на ВМРО-ДПМНЕ. И токму тој сега се јавува како адвокат на ССМ ангажиран за имотни синдикални работи. Очигледно, сите знаат дека зад Михајловски стои партијата, освен претседателот на ССМ кој првпат слуша. На нашето прашање, според кој критериум токму Михајловски бил избран да ги решава имотните прашања на ССМ, Митревски изјави:
– Првпат во „Фокус” прочитав дека Михајловски бил близок до ВМРО-ДПМНЕ. Ние го избравме тој адвокат врз основа на критериумите за стручност и компетентност во справувањето со имотните спорови. Од него ни беше понудена и најниска цена – ни рече Митревски.
А уште посимптоматично е тоа што уште пред да излезе сторијата на „Фокус” за имотот на ССМ, адвокатот Михајловски веќе беше запознаен што ќе биде објавено. Самиот тој побара да објасни за што станува збор, но подоцна се премисли и рече дека не сака да даде изјава. За коментарите, дека е адвокат на владејачката партија, тој само кратко рече: „Немам коментар”.
Во што, всушност, треба да биде инволвиран Михајловски во наредниов период? Според информациите на Митревски, ССМ располага со голем имот за кој сѐ уште постојат нерасчистени сметки.
– До сега никој не повел постапка за да се докаже сопственоста на имотот, кој е граден со парите на работниците. Токму затоа бевме и до Белград, за да ја собереме сета документација и да го почнеме овој процес. Идејата ни е да го отвориме прашањето, а намерите ни се чисти и отворени. Конкретно, за одморалиштето во Охрид се вршела трансформација без да се докаже сопственоста. Трансформацијата била вршена преку движење на земјиштето и така е дојдено до имотни листови, а објектот што припаѓа на ССМ никој не го зел предвид. Тоа е она на што ќе работиме во наредниов период – вели Митревски.
ЗГАСНУВАЊЕ ПРЕКУ СОЕДИНУВАЊЕ
Но, во сето ова постојат многу сомнежи и дилеми во искрената намера на синдикалниот лидер. Зошто сето ова се прави токму во овој период? Од каде доаѓа брзањето, ССМ да зграпчи што поголем дел од имотот, а, од друга страна, веќе наголемо ги продава атрактивните локации? Но, ако се следи текот на настаните во последниов период, повеќе од јасно е зошто на ССМ му се брза. Согласно Статутот, ССМ не може да го продава имотот ако не згасне. За да се изигра правилно, ССМ мора да згасне за да се продаде имотот. Токму затоа, минатиот месец беше донесена одлука, ССМ да згасне, за да се соедини!
Имено, Сојузот на синдикатите на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати на Дојчин Цветановски постигнаа договор за формирање еден синдикат и здружување на синдикалното членство, а формираа и работни групи кои ќе работат на изготвување на потребните документи за здружување. Првичната идеја е овој здружен синдикат да го носи името Сојуз на самостојни синдикати на Македонија – Респект. Првично збунува предлогот, сите грански синдикати да донесат одлуки за престанок на функционирање и одлуки за формирање нов синдикат на национално ниво, поточно нов правен субјект. Зошто, едноставно, не донесат само одлука за здружување или спојување?
Но, токму тука се крие зајакот – вака имотот ќе може да се продава без никакви дилеми и кршење статути и закони. Сојузот, како таков, нема да постои, а со тоа ќе се отворат и сите врати за атрактивните локации да се најдат во рацете на моќните бизнисмени. За тоа кој ќе гради хотели и одморалишта, можеме само да претпоставуваме, но секако дека станува збор за лица блиски до владејачките структури со богато искуство во градежништвото. Секако, допрва ќе мора да се извојува битката за да се стигне до синдикалното одморалиште во Охрид, кое најверојатно нема да биде тешко ако се земе предвид дека зад ССМ стои адвокатот на партијата!
Надвор од сите зделки и турбуленции што се случуваа во времето на Муратовски, за кое и тоа како треба да се зафатат истражните органи, она што е најважно во случајов е дали ССМ, како по правило, добива лидери кои се како две страни на една монета? И дали воопшто остана дел од ССМ кој, всушност, се грижи за работничките права или високата зграда во центарот на Скопје стана само објект за ќарување на поединци и за склучување штетни договори од кои ќе профитираат поединци, а губи целата работничка класа?