Претседателот на Собранието Јован Митрески, кој престојуваше во Украина по повод двегодишнината од руската агресија, остварил средби со неколку државници, соопштуваат од собраниската прес-служба.
Митрески вчера во Киев остварил средба со Валериј Зуб, претседател на Групата на Врховната рада на Украина за меѓупарламентарна соработка со Република Северна Македонија.
На средбата, како што информираат од собраниската прес-служба, двајцата соговорници изразиле задоволство што во изминатите години во голема мера била унапредена соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Врховната Рада на Украина.
На средбата се разговарало и за можностите за унапредување на меѓупарламентарната соработка, а особено соработката меѓу двете парламентарни групи за соработка, кои и досега биле активни со бројни остварени средби и меѓусебни посети.
На специјалната седница на Врховната рада на Украина, Митревски остварил поздравна средба и со премиерот на Белгија, Александер де Кроу.
Во рамки на посетата на Украина, Митрески остварил посета и на Киевско-печерската Лавра и положил цвеќе на споменикот на Свети Климент Охридски.
Вчера Митрески се обрати на специјалната седница на Врховната рада на Украина од каде ги потврди цврстата, недвосмислена и решителна поддршка и солидарност за Украина, украинските институции и украинскиот народ.
Тој оцени дека руската агресија врз Украина е предупредување за сите дека мирот, независноста и слободата не треба да се земаат здраво за готово.