Лесно е да се изјаснуваш против Договорот од Преспа, а потоа да се фалиш дека си гласал Северна Македонија да стане членка на НАТО. Лесно е да бојкотираш, да повикуваш на бојкот на референдум, да манипулираш со граѓаните, да глумиш патриот, а со гласањето да станеме членка на НАТО да го прифатиш референдумското прашање. Такво беше тоа. За референдумот бојкот, пароли „Никогаш северна, само Македонија“, а за гласањето Северна Македонија, тоа што го бојкторааа, да стане членка на НАТО, ни едно извинување кон граѓаните. Лесно е со шпекулации да будиш чувства на секој Македонец за мајчиниот јазик, да зборуваш за македонски јазик како бугарски дијалект, а да не дојдеш, да не гласаш, ниту да го поздравиш потпишувањето на договорот со ФРОНТЕКС, прв договор потпишан на македонски јазик со ЕУ, со сите земји членки вклучувајќи ја и Бугарија, порача Јован Митрески, претседател на Собрание и носител на пратеничка листа на СДСМ во ИЕ 5.
Тој додаде дека ВРМРО-ДПМНЕ со лаги и манипулации зборува за наводна асимилација, а не гласа за заклучоци поврзани со преговарачката рамка, со кои се обврзуваат сите влади за целосна заштита на македонскиот јазик, македонската посебност, македонскиот идентитет и култура.
-Лесно е самодекларативно да велиш дека си за ЕУ, а да правиш се, да не станеш дел од неа. Лесно е, ама не е ниту фер, ниту пак е чесно. Не е чесно пред граѓаните да им ја крадеш иднината, за мали, ситни, бедни, политички поени и борба за власт. Не вреди борбата за власт, ако се загрози иднината на државата – порача Митрески.