Митрески до Стефанчук: „Уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина“

by Fokus

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Кијив по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, се сретна со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.

Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.

Митрески истакна дека Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.

Митрески се осврна на бројните активности на македонското Собрание за поддршка на Украина, односно усвојувањето на

„Декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, поставувањето на изложбата: „Украина памети – светот препознава!“, посветена на Гладоморот од 1932-1933 година во Украина, како и формирањето на Интерпартиската парламентарна група за Кримската платформа. Истовремено, тој ги поздрави напорите на пратениците од Врховната Рада на Украина, кои остануваат на браникот на одбраната на демократијата и продолжуваат да ги застапуваат интересите на своите гласачи.

„Се надевам дека во наредниот период ќе зборуваме за светлата иднина и можностите за унапредување на соработката меѓу нашите земји во полето на економијата, културната размена и туризмот“, нагласи Митрески.

Претседателот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук, се заблагодари за доследната поддршка на Северна Македонија за Украина и за сите украински иницијативи, за нашето приклучување кон санкциите на Европската унија против Русија, како и за поддршката на „Формулата за мир“ предложена од претседателот на Украина. Тој нагласи дека народите на Украина и Северна Македонија се многу блиски, имаат слична историја и споделуваат заеднички цели за членство во ЕУ и НАТО.

Осврнувајќи се на руската воена агресија од големи размери на територијата на Украина, Стефанчук изрази надеж дека војната наскоро ќе заврши со праведен мир, со почитување на украинскиот суверенитет и територијален интегритет, а тоа е можно единствено доколку сите демократски земји се обединат во поддршката на земјата.

„Историјата на нашите земји се пишува сега и тука“, оцени Стефанчук.

Претседателите на парламентите се осврнаа на евроинтегративните процеси, при што изразија уверување дека Северна Македонија и Украина треба што поскоро да станат членки на Европската унија, а задачата на парламентите е да ги спроведат сите неопходни законски измени на овој план.

Митрески и Стефанчук се согласија дека македонскиот и украинскиот парламент имаат активен политички дијалог и успешна соработка на ниво на претседатели и меѓупарламентарни групи за пријателство, нагласувајќи дека е важно во иднина да се зачува и зајакне овој тренд.

Поврзани новости