Потврдувам дека во СДСМ постои и секогаш ќе постои волја за изработка на нов Деловник и за обезбедување функционално работење на Собранието, истакна на денешната прес-конференција координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
Тој изрази жалење поради, како што рече, оваа „второ закажување на четвртото продолжение“ на Дијалогот Жан Моне во Собранието.
– Првото што беше закажано на 28 октомври беше одложено по барање на ВМРО-ДПМНЕ, заради нивни партиски активности, а не знам која е причината за денешното нивно неучество. Меѓутоа, не сакам да верувам и сакам да испратам повик до нив дека не би требало да бидат обвинети да земат уште една обврска во делот на негативните извештаи на Европската комисија кои се однесуваат на Собранието. Фактички, после активната блокада, ова ќе биде втората работа за која што ќе бидат обвинети. Како што и претходно знаете и во Извештајот на Европската комисија, посебно во делот кој се однесува на Собранието, освен забелешките кои што беа директно упатени до опозицијата во делот на активната блокада која што ја спроведуваат во овој период, постоеше и укажување или насока за продолжување на Дијалогот Жан Моне во Собранието под покровителство на претседателот, рече Митрески.
Тој потсети дека и последните измени на овој Деловник во 2013 година и претходно во 2008 година, беа донесени без учество на тогашната опозиција во нивната изработка и упати повик до актуелната опозиција да се вклучи во процесот со цел сите заедно да донесат Деловник кој што ќе обезбеди функционално Собрание. Интенцијата, рече тој, треба да ни биде да има функционално Собрание, без разлика кој ќе биде власт, а кој опозиција.
– Успорено е функционирањето на Собранието, а посебно во вакви ситуации – криза, ковид последици, економска и енергетска криза, проблем со зголемување на цените на производите на основните производи… Ние мора да имаме функционално Собрание за побрзо да се движат работите во законодавниот дом. Зошто? Затоа што и за предлозите кои што доаѓаат и од пратеници, но и предлозите од Влада кои што се однесуваат за помош на граѓаните, имаме ситуација да се закажуваат подоцна и да доцнат и да навлегуваме во некакви рокови кои се веќе планирани со предлози на закони, за на крај да бидат неспроведливи, па да поднесуваме амандмани. Сето тоа е кочење во процедурата или помала функционалност, од што на крај штета имаат граѓаните и фирмите, рече Митрески.