Оливер Митковски, еден од актерите кои играат во претставата ,,Ничија земја“, на својот ФБ профил се обиде да ја објасни одлуката вчера да не ја одиграат пред публиката во МНТ и да бојкотираат во знак на поддршка на нивниот колега Владо Јовановски, кој веќе е во затворски притвор за организираниот упад во Собрание на 27 април.
Еве што напиша Митковски на својот ФБ профил:
Оттаму, нашата одлука не беше обид ниту да влијаеме на исходот на судските процеси, ниту да бараме амнестија за сторените дела. Напротив, сметаме дека доколку се докаже вината, Владо и сите останати учесници треба соодветно да бидат казнети, секој во зависност од тежината на стореното дело. Идејата беше да се сврти вниманието на јавноста и пред се на надлежните институции уште еднаш да ја преиспитаат својата одлука и да ја вратат првичната-домашен притвор. Сметаме дека во конкретниов случај, Владо има неколку олеснителни околности кои се доволни за оваа отстапка од страна на надлежните органи.
Точно е дека нашата одлука е емотивна, можеби по некои параметри и погрешна но во секој случај сметаме дека е човечна, посебно во време кога омразата доминира наспроти хуманоста. Можеби ќе видите извесни контрадикторности во однос на целото мое претходно залагање, жалам што дел од моите пријатели и познаници ќе бидат разочарани, но за мене одлуката да застанам позади оваа иницијатива е во суштина континуитет на мојата потреба да бидам не само колега туку пред се човек.