Не стивнуваат реакциите околу настапот на најголемата Балканска турбо фолк ѕвезда Цеца Ражнатовиќ, која беше главната музичка атракција на манифестацијата ,,Тиквешки гроздобер 2018” во Кавадарци.
За време на двочасовниот концерт на Ражнатовиќ, беше урнат рекордот на посетеност на градот, а градоначалникот Митко Јанчев за ,,Фокус” ги открива деталите околу настанот, хонорарот за кој Цеца пееше во Кавадарци, и зошто токму таа ја имаше честа да биде музичката ѕвезда на гроздоберот.
-Од месец февруари, па се до јуни се договараа деталите околу музичките гости. Значи, врз основа на анкети и предлози беа избрани учесниците. Секако, и според финансиските можности, односно сопред расположливите средства, и според слободните термини на музичарите – појаснува градоначалникот.
Тој додава дека веќе неколку години наназад, општината има буџет од околу четири милиони денари за манифестацијата. Хонорарите на музичарите биле покриени од спонзори, што било случај и со Цеца годинава, и во име на транспарентноста нема потреба да се кријат сумите.
-Јас лично сум презадоволен од посетеноста на гроздоберот, драго ми е што народот излезе масовно. Со истите средства кои се одвојуваат секоја година, оваа година имавме најпосетена манифестација. Околу тоа дали пеела Цеца или некоја друга музичка ѕвезда, лично мене ми е најважно кого народот сака да го слуша. Јас приватно можеби ја слушам ,,Металика” или било која друга група или пејач, но овде во прв план се ставаат желбите на народот, и токму според анкетите, предлозите, расположливите средства и слободни термини на музичарите, одлуката падна на Ражнатовиќ – вели Јанчев.
Хонорарот на Цеца бил покриен од страна на спонзори и изнесувал 39 илјади евра. Во таа сума биле вклучени и хонорарите на екипата на пејачката, превозот и целата организација околу нејзиниот настап.
-Цеца дојде со автобус, со екипа од околу 40 луѓе. Тие самите си организираа се што им беше потребно, сумата од 39 илјади евра не е само за неа, туку за целиот нејзин тим – изјави градоначалникот.
Покрај Цеца, во Кавадарци настапија и голем број на домашни поп, рок, техно и фолк музичари, на главната сцена на плоштадот, на сцената во малиот парк и на Спомен Костурницата во паркот.
Вики Клинчарова