Градоначалникот на Кавадарци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, повторно го повика раководството на неговата матична партија да преземе одговорност за изгубените избори. Поранешниот потпретседател на најголемата опозициска партија, во интервју за „Слободен печат“ вели и дека „ремонтот“ треба да биде брз.
-Секоја раководна функција ги сноси последиците од слабиот резултат. Тоа е секогаш така, не само во политиката. Доблест е да можеш да погледнеш назад, да ги издвоиш грешките, да ги забележиш на лист хартија, а потоа истите тие грешки да ти станат секојдневен потсетник за тоа како не треба. Но, понекогаш сме убедени во тоа дека нашите грешки всушност не се грешки, дека сме целосно во право. Но, секогаш е виновен првиот човек. За жал, и во овој случај е исто. Јас повикав на брз ремонт во партијата, затоа што тоа е мојата матична партија и чувствувам одамна дека треба нешто да се промени, вели Јанчев за „Слободен печат“.
За слабата излезност на изборите, Јанчев ја обвинува неизвесноста и рестрикциите со кои живее општеството поради Ковид-19 епидемијата. За резултатот на неговата матична партија вината ја гледа во понудените политики.
Слабиот одзив е резултат на оние политики што подолг период се промовираат од нашето раководство. Како што реков, што побргу имаме потреба од нови правци, кои ќе опфатат широко поле. Идеите и политиките треба да ги извадиме од затворениот круг, кој нѐ ограничува, треба раководството да изгради нов пат по кој ќе се движи, сѐ со цел да повлече со себе приврзаници што имаат да понудат нешто ново, со нови размислувања“, вели Јанчев.
Новиот Статут на партијата, според Јанчев е само обид за спас на актуелното раководство од целата ситуација. Според него, такво нешто се прави во „мирно време“ а не ден по избори.
За се погласните и почести критики кон Мицкоски и тимот околу него кој ја води партијата, Јанчев не гледа како на поделеност во ВМРО-ДПМНЕ.
-Јас на оваа ситуација не гледам како на поделеност. Тоа се само различни размислувања и ставови, кои е многу нормално да ги има. Всушност, и така треба да биде, така е правилно. Различните ставови можат да доведат до здрава дискусија, од која на крајот треба да бидеме умешни за да го извлечеме најдоброто. Се надевам дека работите ќе тргнат во тој правец, вели Јанчев.
Целото интервју, можете да го прочитате на линкот подолу.
ИНТЕРВЈУ Митко Јанчев: На ВМРО-ДПМНЕ ѝ е потребен брз ремонт!