Митко Јанчев: Парична помош за поплавените од Возарци, работни екипи интервенираат за да не се случи нова поплава при нареден дожд

by Fokus

Девет семејства од селото Возарци, кавадаречко, чии домови беа поплавени во невремето кое го зафати регионот пред пет дена ќе добијат парична помош – соопшти градоначалникот Митко Јанчев за време на 14 – та седница на советот на Општина Кавадарци.

-На самиот ден на поплавата како општина таму имавме активности во делот на спречување, односно да спасиме тоа што може да се спаси. Работевме на две работи, да установиме зошто дојде до таа поплава, и со Водостопанство Тиквеш веќе го увидовме проблемот, па во наредните денови ќе се интервенира на еден прекоп, за да не се случи при наредниот дожд сличен или не дај Боже поголем проблем. На терен беа Територијалната противпожарна единица, ЈП Комуналец и Мој општинар. Завчера по итна постапка заедно со правната служба формиравме комисија составена од три члена која беше на увид на самото место. Врз основа на програма за активности на Општина Кавадарци во делот на социјална заштита имаме донесено програма за помош на семејства погодени од елементарни непогоди, со 200.000 денари во буџетот. На овие семејства ќе им помогнеме – изјави Јанчев.

Тој потоа ги соопшти имињата на жителите на Возарци и сумите кои тие ќе ги добијат како помош од општината. Се работи за суми со максимална висина до 30.000 денари, бидејќи такви биле условите во правилникот за работа по закон за обесштетување на лица погодени од елементарна непогода.

Во невремето кое го зафати Возарци беа поплавени куќи, подруми, но и насади со винова лоза.

Вики Клинчарова

Поврзани новости