Митко Јанчев не знае зошто му е поднесена кривична пријава: Имаме седум возила за расчистување на снег, бидејќи државата не го чисти!

by Fokus

Никој ниту ме повикал на разговор, ниту пак официјално ме известил дека против мене е поднесена кривична пријава – во разговор за ,,Фокус” открива Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци и заменик претседател на ВМРО ДПМНЕ.

Тој вели дека возила за чистење на снег во сопственост на неговата компанија ,,Кожувчанка” има седум, и истите ги користат за расчистување на тешко пристапниот пат до фабриката во зима, односно, го работат она кое што должност на државата, да обезбеди пристапни патишта во зимски услови.

Информацијата дека против него, но и против уште три лица од Кавадарци е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “фалсификување исправа“, “злоупотреба на службената положба и овластување“ и “несовесно работење во службата“ ја сподели МВР.

Според полицијата, во периодот од 16.01.2015 до 01.09.2016 година првопријавениот, вработен во “Кожувчанка” ДОО- Кавадарци, изготвил лажен договор за купопродажба на возило за чистење на снег и посипување со сол “UNIMOG U1400”, во кој истиот бил наведен како купувач, по што ваквиот договор го употребил при постапка заидентификација на патничкото возило, во Бирото за метeoрологија при Министерството за Економија-Скопје, со цел да ја искористи погодноста по член 24 од Законот за возила. Второпријавениот, пак, како управител на “Кожувчанка” ДОО и “ЈА-МИ” ДООЕЛ – Кавадарци, и покрај тоа што знаел дека наведеното возило било сопственост на “Кожувчанка” ДОО, со првопријавениот, склучил договор за купопродажба на наведеното возило, во кој како продавач бил наведен првопријавениот, а како купувал било наведено правното лице “ЈА-МИ” ДООЕЛ. Третопријавениот, како нотар, и покрај тоа што не му бил приложен оригинален договор за купопродажба на наведеното возило, ја заверил копијата од лажниот договор за купопродажба изготвен од страна на првопријавениот, по што го заверил и договорот за купопродажба на наведеното возило помеѓу првопријавениот, како продавач и “ЈА-МИ” ДООЕЛ, како купувач. Четвртопријавениот, како вработен во МВР – Одделение за управни работи – Кавадарци, издал согласност на “ЈА-МИ” ДООЕЛ за регистрација нанаведеното возилото, без да изврши увид во царинската декларација за наведеното возило, во која како увозник и сопственик била наведена фирмата “Кожувчанка” ДОО.

Сепак, градоначалникот вели дека не се чувствува виновен, ниту пак ги знае деталите и причината поради која е поднесена кривичната пријава. Вели дека возила за чистење на снег и посипување на сол, во неговата семејна компанија ,,Кожувчанка” има седум.

-На секој кој што дошол во фабриката ,,Кожувчанка” и знае каде се наоѓа, и во какви услови во зима се стигнува до неа, јасно му е зошто имаме возила за расчистување на снегот. Најпрвин, поради тоа што државата не си ја работи својата работа, односно мораме сами да го правиме патот прооден, затоа и ги имаме овие возила. Не се чувствувам виновин за ништо, никој ниту официјално ме повикал на разговор, ниту пак ме прашал било што. За кривичната пријава дознав од медиумите, и се додека официјално не бидам повикан на разговор, ни самиот не знам за што прецизно се работи. Морам да потенцирам дека овие возила се во сопственост на приватна фирма, а не на општината, односно ова не е во никој случај поврзано со мојот градоначалнички мандат – изјави Јанчев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости